АЛЦХАЈМЕРОВА БОЛЕСТ-ТИВОК КРАДЕЦ НА СПОМЕНИ

Неспорен е фактот дека двегодишното живеење во услови на пандемија со корона вирусот и заболувањето Ковид-19 во целост го смени начинот на живот кај луѓето. Меѓутоа, исто така неспорен е и фактот дека пандемиското живеење покрај телесното го нарушува и менталното здравје. Тоа е докажано кај лицата кој веќе имаат некои психолошки состојби или болести, но се повеќе е евидентно како нарушување кое се јавува како постковид синдром, т.е. неколку месеци после прележувањето на заболувањето Ковид-19.

Бројни клинички студии докажаа дека меѓу симптомите како дел од постковид синдромот се и нарушувањето на когницијата(умствените способности) како и деменцијата или заборавеноста. Најчест тип на деменција е Алцхајмеровата болест. Станува збор за дегенеративно, хронично и прогресивно заболување кое го напаѓа мозокот и кое постепено води до негово сушење. Тивок крадец на спомени е второто име на Алцхајмеровата болест, која буквално ги краде спомените, т.е. ја напаѓа меморијата и ги оневозможува лицата да се сетат на најдрагоценото, на проживеаните мигови од животот, на спомените. За жал, Алцхајмеровата болест се уште кај нас и во многу делови од светот е табу тема и нејзиното споменување го следи стигма, страв и срам. Ова е болест која не е болест сама за себе и за пациентот, туку уште повеќе, таа е болест и на фамилијата, на негувателите и на целото општество. Оттаму, отвореното споменување и зборување за неа во голема мерка ќе придонесе за рано откривање и започнување на ран третман со цел последиците од болеста да се одложат, т.е. да се појават во поодмината возраст кај пациентите.
За сериозноста на болеста доволно зборува податокот дека симптомите не се евидентни во почетната фаза. Тие може да се појават дури десет години после почетокот на болеста кога третманот нема да има голем ефект. За Алцхајмеровата болест нема лек кој ќе ја излекува, но е болест со која се живее.

Од неа не се умира, но со неа се умира. Доказ за тоа е и податокот на Светската здравствена организација според кој 25% или секоја четврта жртва од Ковид-19 всушност е пациент со Алцхајмерова болест. Овој драматичен податок за жал ја дополнува сликата за болеста со која во моментов се борат 45 милиони лица ширум светот. Годишно 5,5 милиони лица се новодијагностицирани лица. Причините за појава на болеста се комбинација на генетски, надворешни и на фактори поврзани со начинот на живот. Возрасната група на лица над 65 години се најризични за нејзина појава.

Болеста предизвикува формирање на плаки на невроните (мозочните клетки) и постепено нивно умирање. Невроните немаат можност за регенерација(обнова) и затоа овие оштетувања се трајни. Целта на терапијата е запирање и одложување на овој процес на одумирање на невроните со цел задржување на способноста на мозокот за когниција и за задржување на меморијата.
Лицата со Алцхајмерова болест најчесто не се сеќаваат на најновите настани, како на пример што јаделе, каде биле, кои се имињата на нивните најблиски лица. Не можат да се сетат каде оставиле некој предмет, ако некаде тргнат забораваат каде или по што тргнале. Со развојот на болеста во подоцнежниот стадиум, лицата не се сеќаваат на поодминати настани, т.е. на првичната меморија која и последна страда.

Со продолжувањето на животниот век на луѓето, Алцхајмеровата болест во напредниот стадиум е агресивна и се појавуваат симптоми како: агресивност, незадоволство и депресија како резултат на свесност на лицата кои ја имаат оваа болест. Покрај фармаколошка потребна е и нефармаколошка терапија како:социјално дружење, прошетки, хоби и активностi за пациентите со цел да имаатсе овозможи квалитетно ниво на живот.

Поврзани блог статии

Категории