КАМЕН ВО БУБРЕГ

Една од најчестите болести кај луѓето е камен во бубрег. Може да се појави во едниот(унилатерално) или во двата бубрега(билатерално). Најчесто се јавува на возраст од 20-55 години и мажите два пати почесто наспроти жените имаат проблем со камен во бубрег.

Каменот во бубрег се состои од материи кои урината ги содржи во природна и во неприродна состојба. Се разликуваат според: големината, обликот и составот. Така, постојат: уратен, оксалатен, фосфатен и мешан камен. Уратниот е тврд, мазен и има кафена боја, оксалатниот е груб и многу тврд, а фосфатниот е поголем, има бела боја и лесно се крши. Според местоположбата, каменот може да се наоѓа во бубрегот, во бубрежната карлица, во урнинарните патишта или во мочниот меур. 

Климата, земјата, водата и семејната оптовареност се основни причини за појава на болеста. Сепак, во најголем дел од случаите причината е непозната. Главна улога во формирањето на камен има урината преку која се исфрлаат отровите од телото. Оваа биолошки сложена течност често е презаситена со раствори на различни соли. Благодарение на присуството на одредени материи, солите се одржуваат во растворена состојба. Ако нормалниот состав на урината се промени, на пример ако се зголеми киселоста, тоа може да доведе до формирање на камен. Ово процес го забрзува недоволното дневно внесување на течности, пред се вода, како и недостатокот на витамин А и Б.

Процесот на создавање на камен во бубрег е долг и на почетокот не дава симптоми. Клиничката слика се јавува ако каменот почне да шета, односно да се движи по уринарниот тракт. Тогаш може да се појават: остри странични болки во ципите, мачнина и повраќање, крв во урина, обилно потење, болка во тестиси. Оваа болка заедно со породилната болка се опишува како најинтензивна кај човекот.

Дијагнозата се поставува со анамнеза, детален клинички преглед со посебно внимание на стомачниот и на слабинскиот дел, преглед на тестиси кај мажи и улатрасонографски(ехо) преглед и крвна слика.
Иако речиси 90% од камњата во бубрезите со пречник од 4-5мм спонтано се исфрлаат преку урината, за останатите 10% потребно е лекување за нивно отстранување. Редовните контроли се најдобар начин за следење на еден камен. За правилно лекување потребно е да се утврди хемискиот состав на каменот, причините за негово создавање и анализа на 24 часовна собрана урина. Лекувањето може да биде конзервативно со лекови и хируршки. Интервенциите се применуваат кога постои поголем камен кој предизвикува запирање на  уринарниот проток или крв во урината, камен со неправилен облик кој не може да излезе спонтано и предизвикува силна болка и камен кој значително се зголемил во однос на претходната контрола.

После пет години од интервенцијата кај 75% од пациентите повторно се формира камен во бубрег. Овој процес кој се повторува(рецидивира) може да се превенира и во голема мерка да се забави процесот на зголемување на каменот. Препорака е внесување на 2,5 литри вода дневно, пиење чаеви, сок од боровница и избегнување на кафе. Дополнително, потребна е промена во исхраната, односно внесување овошје и  избегнување на намирници кои содржат калиум и оксалати и ја закиселуваат урината: месо, млеко и млечни производи, какако, грозје, брокула, спанаќ, коприва и ореви.

Поврзани блог статии

Категории