ЗАБОРАВЕНОСТА СЕ ЛЕКУВА

Со поимот заборавеност или стручно кажано деменција се опишуваат збир од знаци што се предизвикани од нарушувања што го засегаат мозокот. Заборавеност не е дијагноза за одредена болест, но влијае на размислувањето, однесувањето и способноста да се извршуваат секојдневните работи и задачи.

Деменцијата може да се појави кај секого, но честотата се зголемува кај лицата над 65 години. Иако многумина сметаат дека таа е нормална појава со стареење, тоа не е точно. Доказ за тоа се бројни научни студии кои докажаа дека деменција иако поретко, може да се појави и кај лица помлади од 65 години.

 Главна карактеристика на заборавеноста е неспособноста да се вршат секојдневните активности како последица на намалените спознајни способности. Лекарите утврдуваат постоење на деменција ако се значително оштетени две или повеќе спознајни функции. Во спознајни функции спаѓаат: помнењето, способноста за говор, разбирањето на информациите, способноста за снаоѓање во просторот, расудувањето и сосредоточеноста. 

Луѓето кои забораваат или се дементни имаат тешкотија во решавањето на проблеми и во контролирањето на чувствата. Тие исто така може да претрпат и промени во својата личност. Симптомите кај лице со деменција зависат од оштетените делови на мозокот. Кај многу видови на деменција, некои од нервните клетки во мозокот престануваат да функционираат, ги губат врските со другите клетки и изумираат, бидејќи немаат можност за регенерација.
Деменцијата обично се засилува со текот на времето. Тоа значи дека постепено се шири низ мозокот и симптомите што ги има лицето со текот на времето стануваат поинтензивни. Точна причина за појава на деменција нема. Она што е познато и потврдено е фактот дека најчеста форми на деменција е Алцхајмеровата болест која опфажа речиси 70% од сите форми на деменција. Счедува васкуларната деменција која може да се појави после прележан мозочен удар и деменција предизвикана од Паркинсонова болест.

Алцхајмеровата болест предизвикува постепено опаѓање на спознајните способности на мозокот. Почнува со губење на помнењето и се карактеризира со две ненормални појави во мозокот: амилоидни наслаги или плаки и неврофибриларни сплетови. Наслагите се ненормални купчиња од еден протеин што се вика бета амилоид. Сплетовите се врзопи од извиткани влакна составени од еден протеин што се вика тау. Наслагите и сплетовите ја прекинуваат врската меѓу невроните или нервните клетки и доведуваат до нивно трајно изумирање. 

Третманот на деменција може да биде нефармаколошки и фармаколошки. Првата група опфаќа техники и третмани кои имаат за цел подобрување или надминување на состојбата: когнитивна стимулација, рехабилитација и обука за секојдневни животни вештини, дружења, евоцирање на спомени.

 Фармаколошкиот третман опфажа две групи на лекови: инхибитори на ацетилхолинестеразата и антагонисти на N–метил и D-аспартат. Со прогресија на демецијата, пациентите може да се соочат со специфични симптоми и промени во однесувањето: депресија, напади, халуцинација и несоница. Во таков случај, лекарот може да препише и други групи на лекови: анксиолитици, антипсихотици и антидепресиви.

Поврзани блог статии

Категории