ПОТЕНЦИЈА-ТАЈНО ОРУЖЈЕ ЗА ЗДРАВ ЖИВОТ

Потенција претставува способност или скриена можност која се појавува при определени услови. Познато е дека споменувањето на зборот потенција кај жената и мажот означува способност за интимна сексуална игра. За најголем дел од луѓето потенцијата се уште е табу тема. Доказ за тоа е неможноста точно да се одреди колку луѓе во светот се соочуваат со овој проблем. Нејзиното потенцирање е евидентно со почетокот на пандемијата. Свесни или несвесни луѓето останаа без можност да се обратат на лекар или на психолог заради надминување на состојбата.  

Да се има потенција и да се биде потентен значи да се биде здрав човек. Денес речиси е невозможно да се зборува на оваа тема ако не постои баланс(хармонија) помеѓу физичкото, духовното и психичкото здравје. Ако физичкото здравје може да се одржува со физичка активност, духовното здравје со негување на душата, тогаш психичкото здравје треба да се поттикнува со позитивен став кон животот.. Колку почесто се применуваат овие препораки, толку побрзо ќе се доведете во ситуација да водите и да имате здрав живот.  

Сведоци сме на намалување на потенцијата или појава на импотентност кај двата пола. Се јавува како последица на физички и психички фактори кои негативно делуваат врз желбата за интимен и за сексуален контакт. Најчести психолошки фактори се: стрес, вознемиреност, несигурност, депресија, страв од интимност, чувство на вина, недостаток на самодоверба. Како физички фактори може да се одвојат: алкохол, цигари, дијабетис мелитус, зависност од лекови или наркотици, недоволна активност на штитната жлезда, кардиоваскуларни болести, претерана употреба на седативи, средства за смирување. Намалувањето на потенцијата е пропорционално со стареењето. Менопаузата е период кој негативно влијае кај жените и ја намалува сексуалната желба. Кај мажите, андропаузата и еректилната дисфункција која се почесто се јавува во помлада возраст води до намалување на потенцијата. 

За надминување на оваа состојба и за зголемување на потенцијата постојат голем број на синтетички и природни препарати наменети за двата пола. Овошје, зеленчук, сушени и јаткасти плодови дополнително ќе придонесат за зголемување на потенцијата. Лицата кои имаат некоја хронична болест и користат хронична терапија треба внимателно и во консултација со лекар да ги земаат синтетичките препарати.

Потенцијата е патот кој води до креативно исполнет интимен или сексуални акт. Затоа, доколу се посомневате во себе или имате некоја дилема најдобро е да побарате стручна помош. Ако станува збор за физички симптоми, прпорака е да се закаже консултација со гинеколг, уролог, ендокринолог или кардиолог. Доколку симптомите се на психичка основа, препорака е да се консултирате со психолог, сексолог или психијатар. Активниот сексуален живот е клуч за здрава, потентна личност која со леснотија и задоволство ќе може да ги извршува приватните и професионалните обврски.

Поврзани блог статии

Категории