РАК НА ТЕСТИСИ-ПРИЧИНА ЗА НЕПЛОДНОСТ КАЈ МЛАДИТЕ МАЖИ

Според СЗО, ракот на тестиси е основна причина за неплодност кај мажите кои се во полно здравје и полн животен елан. Најчесто ги напаѓа младите мажи на возраст од 18-35 години. Болеста сочинува 2% од сите малигни болести кои се јавуваат кај мажите и може да биде излекувана. Честотата на рак на тестисите двојно е зголемена во изминатте 30 години. Највисока стапка има во: Скандинавските земји, Германија и Нов Зеланд, а најниска стапка во: Азија и Африка.
 
Рак на тестиси е болест при која се откриени малигни клетки во едниот или во двата тестиси. Постојат неколку типови на клетки содржани во тестисите, и било кои од овие клетки може да се развијат во еден или во повеќе видови на рак. Над 90% од сите случаи на рак на тестисите почнуваат во герминативни клетки. Постојат два главни типови на тумори на гаметните клетки кај мажите: семиноми и несеминоми. Семиномите сочинуваат околу 40% од сите тумори на герминативните клетки во тестисите. Несеминомите сочинуваат група на карциноми, кои вклучуваат хориокарцином, yolk sac(герминативни) тумори, ембрионален карцином и тератома.
Како и за друготе малигни болести, причината за појава на рак на тестиси не е позната. Ризикот за рак на тестиси е поголем кај момчиња родени со еден или двата тестиси, кои се наоѓаат во долниот дел на стомакот, а не во скротумот. Оваа состојба се нарекува крипторхизам или неспуштени тестиси. Затоа, ризик за добивање рак на тестиси е четири пати повисок за момчињата со крипторхизам отколку кај оние момчиња кои го немаат овој проблем. Овој ризик фактор останува и после направена операција за враќање на тестисите назад во скротумот.  Одредени тумори на тестисите почесто се појавуваат кај мажи кои работат како: рудари, нафтени работници и комунални работници.
 
Карцином на тестиси не покажува рани симптоми. Сомнеж се јавува кога во тестисите се чуствува маса или грутка кои се безболни, иако тоа не секогаш укажува на рак. Сепак при следниве симптоми треба да се закаже преглед кај уролог: зголемување или значајно намалување на едниот тестис, чувство на тежина во скротумот, непријатна болка во препоните или долниот дел на стомакот, ненадејно собирање на течност во скротумот, чувствителност или зголемување на градите, болка или непријатност во едниот тестис или во скротумот.
 
Дијагнозата се поставува после земена знамнеза, клинички преглед, ултразвук(ехо) преглед, имиџинг техники(МР или КТ), крвни анализи. После дефинитивно поставување на дијагнозата се продолжува со хируршки третман. Третманот опфаќа отстранување на туморското ткиво и на евентуалните метастази кои може да зафатат блиски или далечни органи. Во одредени случаи, лекувањето може да продолжи со радио и со хемотерапија. При отстранување на едниот тестис, другиот тестис ја презема функцијата и можноста за фертилитет или зачувување на плодноста на мажот. 
 
Затоа, најважно е мажите редовно да прават преглед на своите тестиси и да ги допираат. Доколку забележат и најмала промена треба да закажат лекарски преглед со цел да се отстрани сомнежот. Откривањето пак на болеста во ран стадиум значи добра прогноза, можност за конечно излекување и квалитено ниво на живот.

Категории