КОЈ И ЗОШТО (НЕ)СМЕЕ ДА ПОСТИ?

Покрај Велигденскиот пост кој го практикуваат православните христијани, во моментов актуелен е и Рамазанскиот пост кој го практикуваат муслиманите ширум светот. Благодарение на пропишаниот режим на исхрана кој е основа на постот, можат да се спречат или евентуално да се појават подоцна во животот разни состојби или болести како последица на неправилната и на неурамнотежената исхрана.
 
Во текот на постот, телото се чисти од токсините внесени преку секојдневната исхрана. Токсините се наоѓаат насекаде, но нивната концентрација е најголема во виталните органи, како што се: белите дробови, црниот дроб, бубрезите и дебелото црево. Затоа, телото за време на постот ги елиминира проблемите со варење на храната и ја подобрува циркулацијата.
 
Ова се случува затоа што телото користи складирани енергетски резерви од организмот. Освен тоа, луѓето кои постат подолг период се чувствуваат како да имаат повеќе енергија, елан и позитивно гледаат на животот. Поради подоброто снабдување со крв, постот ја стимулира работата на срцето, белите дробови и мозокот.
Затоа покрај здравата популација, постот се препорачува и за лицата кои имаат хронични заболувања, првенствено кардиоваскуларни или некои метаболни нарушувања. Овој режим на исхрана превенира кардиоваскуларни заболувања, го намалува нивото на крвниот притисок, го балансира хормоналниот статус, нарушен првенствено од работата на тироидната жлезда.
 
Доколку некое лице сака да пости, а притоа има некое хронично заболување и зема терапија, треба да се консултира со својот матичен лекар или со лекарот специјалист кој го води. Според научната заедница, постот не се препорачува на бремени жени, на доилки и на лица со дијабетес мелитус или со шеќерна болест тип 1.
Познато е дека шеќерната болест е хронична незарасна болест за која нема лек за конечно излекување, туку постои терапија со која се контролира болеста. Покрај дијабетес мелитус во бременост, постојат уште стекнат тип 2 и вроден тип 1. Затоа лицата со оваа болест треба да бидат многу внимателни доколку решат да постат.
Д-р Несрин Јавиз од Универзитетот во Анкара истакнува дека муслиманите кои сакаат да постат за Рамазан, а притоа имаат шеќерна болест или оштетување на бубрезите, тоа не треба да го прават. За да може да пости лице со дијабетес тип 2, тоа долгорочно треба да има добро регулиран шеќер во крвта и да е на таблетарна терапија. Оние кои се боцкаат со инсулин мора да бидат многу внимателни, бидејќи може да паднат во тешка хипогликемија која е животно загрозувачка состојба, вели д-р Јавуз.
 
И за време на постот, дијабетичарите кои постат треба редовно да го мерат нивото на шеќер во крвта. Доколку кај некого нивото на шеќер драстично се намали, потребно е веднаш да престане да пости. Истовремено, вредностите на шеќерот во крвта треба да се вратат во нормала и под контрола со земање на гликоза или со дополнување на терапијата.

Поврзани блог статии

Категории